in

Зошто летањето со авион е побезбедно отколку што мислат многумина

Авионите не паѓаат веднаш ако им откажат моторите, затоа што крилјата и натаму создаваат сила на подигање додека леталото се движи низ воздухот. Ова не е само теорија, туку е потврдено и во реални ситуации.

Еден Ербас А330 останал без гориво над Атлантскиот Океан, но пилотите успеале без мотори да прелетаат околу 120 километри и безбедно да слетаат на Азорските Острови. Слично на тоа, еден Боинг 767 останал без гориво на височина од 12 километри, прелетал без погон повеќе од 100 километри и успешно слетал на напуштена писта во Канада.

Современите патнички авиони се проектирани и сертифицирани да продолжат да летаат и да слетаат безбедно и со само еден мотор. Ако едниот мотор откаже, авионот не ја губи одеднаш стабилноста: крилјата остануваат во рамнотежа, леталото продолжува да се движи, а преостанатиот мотор обезбедува доволна сила за одржување на потребната брзина.

Безбедноста на авионите се должи на повеќе чинители, меѓу кои се аеродинамиката и можноста за летање без погон, како и резервираноста, односно повеќекратната обезбеденост на системите. Покрај тоа, тие се изработени со висока издржливост и заштита.

Турбуленцијата не е фатална затоа што современите авиони имаат голема конструкциска издржливост и се испитани да поднесат екстремни сили без оштетувања. И аеродинамичката стабилност игра важна улога, бидејќи воздухот на голема височина се однесува како густ флуид на кој авионите се приспособени.

Авионите работат и според принципот на Фарадеевиот кафез. Тој служи за блокирање на надворешното статичко електрично поле и е направен од метална мрежа. Слично на тоа, и авионската обвивка делува како таков заштитен слој, па кога гром ќе го погоди авионот, електричната енергија минува по неговата надворешна површина и излегува од другата страна.

Пилотите не јадат во исто време: едниот прв го завршува оброкот, а потоа другиот. Исто така, мора да јадат различна храна, на пример, ако едниот јаде месо, другиот јаде риба. Ова се прави за да се намали ризикот од труење со храна.

Една од причините зошто откажувањето на дел од системите не ја загрозува безбедноста е тоа што современите патнички авиони имаат повеќе резервни системи. Главните резерви се моторите, бидејќи авионот може да лета и со само еден мотор. Потоа тука се хидрауличните системи, од кои секој авион има три или четири независни, наменети за управување со крилјата, опашката и тркалата. Освен генераторите на моторите, авионите имаат и помошен генератор во опашката, батерии и мала воздушна турбина што се активира во итни случаи. Главните компјутери, исто така, се двојно или тројно обезбедени.

Кабинскиот екипаж поминува обемна обука за итни евакуации, укажување медицинска помош, противпожарна заштита, справување со проблематични патници, како и за безбедносни постапки и постапување при технички и временски неприлики.

Млазните мотори минуваат низ строги испитувања во екстремни услови пред да добијат дозвола за лет. Меѓу нив се испитувања со удари од птици и други туѓи тела: моторот работи со полна сила, а во него се истрелуваат мртви птици, парчиња мраз и град.

Се прават и испитувања на екстремно ниски температури и замрзнување. За таа цел, моторите се ставаат во комора со температура од минус 40 степени и се прскаат со вода за да се симулира ледена бура и да се провери како реагираат на замрзнување.

Во светот постојат летови што траат и до 20 часа. Денес меѓу најдолгите летови се оние на релациите Њујорк – Сингапур, со траење до 19 часа и 10 минути, Њујорк – Фуџоу, со траење од 19 часа и 20 минути, како и Окланд – Доха и Перт – Лондон, кои траат околу 18 часа и 30 минути.

What do you think?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Уапсен 20-годишник од Косово: лажно тврдел дека има леукемија и собрал речиси 190.000 евра