Во време кога паметните телефони се незаменливи во секојдневието, а интернетот и социјалните мрежи постојано го одвлекуваат вниманието, јапонскиот телекомуникациски оператор KDDI претстави необичен мобилен телефон што оди во сосема спротивна насока.
Станува збор за моделот INFOBAR ZERO, кој нема можност за прелистување на интернет и не поддржува користење социјални мрежи. Уредот е наменет за луѓе што сакаат дигитална пауза, помалку време пред екраните и враќање на основната комуникација.
Телефонот ќе биде пуштен во продажба на 25 декември 2026 година, а нарачките почнаа на 18 ноември, истиот ден кога беше и официјално претставен. Неговата цена е 32.780 јени.
INFOBAR ZERO е осмислен како поедноставена алтернатива на современите паметни телефони. Неговите главни можности се телефонски повици, испраќање СМС-пораки и фотографирање со камера од околу два мегапиксели.
Покрај тоа, има телефонски именик, календар, аларм, калкулатор и можност за слушање музика зачувана во неговата меморија. Сепак, не поддржува прелистување на интернет, социјални мрежи ниту слушање музика преку стриминг.
Посебно внимание привлекува и дизајнот, зад кој стои јапонскиот дизајнер Наото Фукасава. Моделот ќе се нуди во три бои, меѓу кои се и препознатливите комбинации од првите телефони од серијата INFOBAR.
Овој уред е дел од серијата INFOBAR, чиј прв телефон беше претставен во 2003 година. Последниот модел, INFOBAR xv, беше претставен во 2018 година, што значи дека новиот телефон го означува враќањето на серијата по пауза од околу осум години.
Од KDDI наведуваат дека со овој телефон сакаат да понудат поинаков начин на комуникација, во кој секој корисник сам ќе одлучи колку сака да биде поврзан со дигиталниот свет.
Интересно е што токму во време кога производителите се натпреваруваат со сè помоќни паметни телефони, вештачка интелигенција и нови технологии, јапонската компанија се одлучи за уред со минимален број функции.

