Силни налети на ветер предизвикаа вистински хаос на улиците во Њујорк. Пешаците со тешкотии се движеле, чадорите се превртувале, а ветерот ги туркал луѓето по тротоарите.
Невремето доведе и до историска промена во една од најпознатите американски празнични традиции. Парадата на Мејси по повод Денот на благодарноста, која требаше да се одржи на 26 ноември, е презакажана за сабота, 28 ноември.
Ова е првпат по 100 години манифестацијата да биде одложена поради лоши временски услови. Градските власти предупредија дека налетите на ветерот можеле да достигнат брзина до 65 милји на час, односно околу 105 километри на час. Освен тоа, биле најавени и обилни дождови, како и опасност од поплави во крајбрежните делови на градот.
Одлуката за одложување била донесена во координација меѓу организаторите, градските власти и њујоршката полиција, за да се заштитат учесниците и посетителите.
Годинешната парада го одбележува своето 100. издание, а на улиците на Менхетен се очекувало да продефилираат голем број балони, музички изведувачи и украсени платформи. Наместо во четврток, настанот е закажан за сабота во 8:30 часот наутро по локално време.
Безбедноста беше ставена пред традицијата, а Њујорк се соочи со една од најнеобичните промени во историјата на оваа празнична манифестација.

