Православните верници денес го чествуваат споменот на Свети Павле Исповедник, цариградски патријарх, кој останал запаметен по својата цврста вера, духовна мудрост и страдањата што ги поднел во одбрана на православието.
Неговиот живот бил обележан со прогонства и неправди. Кога патријархот Александар бил на смртна постела, верниците го прашале кого да изберат за негов наследник. Тој го посочил Павле како човек со добродетели и духовни квалитети, а истовремено предупредил дека, ако сакаат само надворешна убавина, тогаш треба да го изберат Македониј. Народот го избрал Павле, но аријанците и царот Констанциј не го прифатиле тој избор.
Набргу потоа бил симнат од патријаршискиот престол и, заедно со Свети Атанасиј Велики, побегнал во Рим. Таму биле примени и поддржани од папата Јулиј, а подоцна и од царот Констанс. Со нивна помош Павле повторно бил вратен на патријаршискиот престол.
По смртта на царот Констанс, аријанците повторно го протерале, овојпат во Кукуз, во Ерменија. Трагедијата што го обележала неговиот живот се случила токму за време на прогонството: додека служел света литургија, бил нападнат од аријанците и задавен со сопствениот омофор во 351 година.
Во времето на царот Теодосиј, во 381 година, неговите свети мошти биле пренесени во Цариград, а во 1236 година биле однесени во Венеција, каде што се наоѓаат и денес.
Свети Павле Исповедник останал симбол на истрајност, храброст и верност кон христијанската вера, дури и пред најтешките искушенија.


