Против Томас Маркл, таткото на Меган Маркл, во САД е покренато федерално обвинение за поседување материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца.
Федералната голема порота во Лос Анџелес на 24 ноември поднела обвинение против 82-годишниот Маркл по две точки поврзани со поседување недозволени материјали. Според американското Министерство за правда, станува збор за 35-милиметарски филмски негативи на кои има експлицитна содржина со малолетници, меѓу кои и деца помлади од 12 години.
Истрагата почнала откако американските власти добиле информации за сомнителни материјали што наводно се наоѓале меѓу неговите лични предмети на Филипините. Потоа истражителите дошле до податоци за две складишта во близина на Лос Анџелес што Маркл ги изнајмувал од 2008 година.
Агентите на ФБИ извршиле претрес и заплениле околу 78 предмети, меѓу кои фотографии, филмски негативи и книги. Во судските документи стои дека на дел од фотографиите се гледа возрасен маж со малолетни девојчиња, а сведок го идентификувал тој маж како Томас Маркл.
Маркл бил уапсен на 6 ноември во Флорида. На почетокот му било дозволено да се брани од слобода под одредени услови, меѓу кои и носење електронска нараквица за следење. Но неколку дена подоцна повторно бил приведен, откако наводно го отстранил уредот за електронско следење.
Тој во моментов се наоѓа во притвор во Флорида и во наредните недели се очекува да се појави пред федералниот суд во Лос Анџелес, каде што ќе се изјасни за обвиненијата. Доколку биде прогласен за виновен, за секоја од двете точки му се заканува казна до 20 години затвор, односно вкупно до 40 години.


