Во Грузија се случи необичен инцидент кога службите за државна безбедност уапсиле грузиски државјанин кој бил осомничен за планирање на продажба на ураниум-238 на странски купувач за неверојатните 700.000 долари. Според информации од безбедносните институции, апсењето било резултат на заедничка операција на одделите за контраразузнавање и специјални активности. Осомничениот е обвинет за незаконско ракување со нуклеарен материјал.
На објавената видеоснимка, видливо е како припадници на службата го извлекуваат осомничениот од автомобилот и го приведуваат. Во багажникот на возилото биле пронајдени два контејнери, кои биле проверувани со рачен детектор за радијација. Истрагата се води по член 230 од Кривичниот законик на Грузија, кој се однесува на незаконско ракување со нуклеарни материјали и радиоактивни супстанции. За ова дело предвидена е казна до 10 години затвор.
Ураниумот-238, кој е најзастапениот изотоп на ураниумот, е радиоактивен, но не се смета за материјал што одеднаш може да се искористи за изработка на нуклеарна бомба. Грузиските власти засега не откриваат колку ураниум бил во прашање, ниту идентификативни информации за потенцијалниот странски купувач.
Во февруари годинава, слично беше приведено и две лица кои наводно се обиделе да купат ураниум вреден околу 3 милиони долари, како и радиоактивен изотоп поврзан со програми за тестирање на нуклеарно оружје.


