Австралискиот новинар Вил Мареј демонстрираше неверојатна храброст за време на известувањето за поплавите во Квинсленд. Тој, заедно со случаен минувач, успеа да спаси маж кој беше заробен во теренско возило зафатено од надојдената вода.
Драматичниот настан се одвиваше во Морефилд, северно од Бризбејн, додека Мареј известуваше за сериозните поплави за јавниот радиодифузен сервис ABC. Возачот, кој се обиде да помине низ поплавен дел од патот, веднаш беше опколен од водата и неговото возило почна да тоне.
Кога увидел сериозноста на ситуацијата, новинарот не се двоумел. Тој ја прекина својата работа, ги соблекол чевлите и наочарите и скокна во водата за да му помогне на мажот. Даниел Хејни, минувач кој се нашел во близина, му се приклучил во спасувачката акција.
Двајцата прво се обиделе да ја отворат вратата на автомобилот, но без успех. Потоа се качиле на возилото и успеале да ја отворат задната врата од совозачката страна, извлекувајќи го исплашениот возач на безбедно место. По овој херојски потег, автомобилот целосно потонал под водата.
Камерманката на Мареј, Лиз Пикеринг, која го снимаше настанот, подоцна нагласи дека новинарот и Даниел му го спасиле животот на возачот. Според извештаите, службите за итна помош пристигнале околу десет минути по спасувањето.

