Тројца истакнати израелски хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ пристигнаа повторно во Македонија за да помогнат во лечењето на повредените во трагедијата во Кочани. Нивниот престој ќе трае цела недела, а се планирани хируршки интервенции во Кочани и Скопје.
Специјалистите беа пречекани на скопскиот аеродром од министерот за здравство, кој нагласи дека нивното враќање е дел од медицинската соработка што започна веднаш по трагедијата.
Во медицинскиот тим се д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници, д-р Матан Шерф, кој е експерт за реконструктивна и микрохирургија на раката, и д-р Тал Канфино Кац, специјалист за ортопедска и реконструктивна хирургија. Д-р Харац и д-р Канфино Кац веќе присуствуваа во Македонија за време на првичните лекувања на повредените.
Овојпат, израелските лекари најпрвин ќе ги проценат состојбите на пациентите, по што ќе следат потребните хируршки интервенции во соработка со македонските медицински тимови.
Медицинскиот центар „Шеба“ важи за еден од најпознатите во светот, а според рангирањето на „Њузвик“ за 2026 година, се најде на седмото место во светот, по осми пат во првите десет.
„Им благодарам на моите колеги од Израел што повторно се тука. Нашите пациенти добиваат стручност на највисоко ниво, а нашите лекари искуство“, изјави министерот Клековски.
Додатното присуство на израелските експерти не е само продолжување на меѓународната медицинска помош за повредените, туку и можност за увоз на нови знаења и отпочнување нова соработка со македонските доктори.

