Канадскиот кошаркар и интернет-сензација Мат Киатипис, познат како MK, вчера прослави својот 26-ти роденден и на својот Инстаграм профил се заблагодари за честитките.
„Август 30 бејби… 26. Ви благодарам на сите за роденденските честитки. Ги сакам сите. Му благодарам на Бога за уште една година живот и за продолжувањето на благословите“, напиша Мат.
Тој исто така сподели важна порака: „Fortune favors many, but history remembers few“, нагласувајќи колку е важно сами да ја пишуваме својата историја со пријатели, семејство и поддржувачи.
Објавата за роденденот следува само неколку недели по неговиот престој во Македонија, каде што MK доби големо внимание со настапите на уличните кошаркарски терени.
Во август, Мат беше дел од проектот „Macedonia Takeover – MK in MK“, настапувајќи во Скопје, Куманово и Охрид, каде што ги одмери силите со македонски баскет играчи. Неговото присуство во Македонија ги спои уличната кошарка, забавата и локалната спортска сцена.
Во чест на својот престој, со македонскиот артист Јанг Дади објави песна под наслов „Pick N’ Roll“, која официјално излезе на 19 август. Во спотот се комбинирани моменти од неговите настапи и дружењето во Македонија.
Мат Киатипис, роден на 30 август 2000 година во Њумаркет, Онтарио, Канеда, со своите 1-на-1 кошаркарски видеа на улични терени изгради импозантна публика од над 3,5 милиони следбеници на Инстаграм. Со „Pick N’ Roll“, тој создаде уникатна врска помеѓу кошарката и музиката, продолжувајќи ја својата приказна и по заминувањето од Македонија.


