Денес, на 1 септември, се одбележува Светскиот ден на пишувањето писма, посветен на традицијата на пишување писма која полека исчезнува со појавата на мобилните телефони, социјалните мрежи и електронската пошта.
Оваа иницијатива беше покрената во 2014 година од австралискиот автор и фотограф Ричард Симпкин, кој сакаше да ги мотивира луѓето повторно да пишуваат рачно и да ја ценат личната вредност на писмата.
Во денешно време, кога порака може веднаш да стигне до крајот на светот, рачно напишаното писмо бара повеќе време и посветеност. Затоа, за многумина, таквото писмо има посебна емоционална тежина, носејќи личен печат и стил на авторот.
Симпкин, инспириран од сопственото искуство со писмата, на крајот од 1990-тите години почна да комуницира со луѓе кои ги сметал за австралиски легенди. Кога добил одговори, сфатил колку силна врска може да се создаде преку хартија и пенкало.
Овој ден ги потсетува луѓето да направат пауза од дигиталната комуникација и да напишат писмо до некој кој им значи – било тоа пријател, член на семејството, сакана личност или дури до самите себе.
Иако времињата се менуваат, рачно напишаното писмо може да остане во сеќавањето долг период, за разлика од брзите пораки кои лесно се забораваат. Таквите писма често стануваат вредни спомени кои се чуваат и повторно се читаат од генерација на генерација.


