Од денес, граѓаните од Зелениково и околните места добија нова опција за побрзо патување до Скопје. Новата линија на градскиот воз е активна и ги поврзува населите места долж железничката траса со главниот град.
Првото поаѓање од Зелениково се случи во раните утрински часови, а возот стигна до Скопје за помалку од 30 минути. Првиот ден, превозот е бесплатен за патниците.
Возот застанува во населени места како што се Зелениково, Ново Зелениково, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче, пред да продолжи кон железничката станица во Скопје.
Оваа нова линија е особено наменета за граѓаните кои редовно патуваат до Скопје поради работни обврски, образование или други активности. Со воведувањето на железничкиот превоз, се очекува дека дел од патниците ќе изберат алтернатива на автомобилите и автобусите, особено во време на гужви.
Во редовниот сообраќај, цената на билета во еден правец ќе биде 40 денари, додека повратниот билет ќе чини 70 денари.
Активирањето на градскиот воз е дел од напорите за подобрување на јавниот превоз и максимално користење на железничката инфраструктура за поврзување на Скопје со околните населени места.


