Пејачката Мелани Тарчуловска ја изненади јавноста со нова песна, која ја објави вчера доцна навечер, без претходна најава или навестување.
Насловот на песната е „Белег“, но останува нејасно на што точно се однесува тој белег. Во стиховите Мелани пее дека носи „белег“, па се отвора прашањето дали е инспирирана од лична приказна, емоционално искуство или станува збор за уметничка порака без директна врска со нејзиниот живот.
Таа е присутна на музичката сцена уште од млада возраст, настапувала на фестивали како што се „Макфест“ и „Охрид Фест“, а редовно пее и на настапи низ различни градови во земјава. Позната е по тоа што сака да експериментира со вокалот и постојано го развива својот музички израз.
Публиката ја препознава по специфичната боја на гласот, смелиот моден стил и борбениот карактер. Нејзиниот музички талент, како што се посочува, несомнено е поврзан и со нејзината мајка, Соња Тарчуловска, која има значајно место на македонската музичка сцена и зад себе има хитови што и денес се пеат.


