НАСА повторно бара учесници кои сакаат да доживеат живот на друга планета. Американската вселенска агенција организира нова едногодишна симулација на живот на Месечината и Марс, во која учесниците ќе бидат во изолирани услови.
Програмата, наречена ,,Moon and Mars Exploration Analog”, планирана е за почеток не порано од август 2027 година во Хјустон. Главната цел е да се соберат информации како човечкото тело и ум се прилагодуваат на долготрајна изолација во ограничени услови, слични на оние со кои ќе се соочат идните астронаути.
Учесниците ќе живеат во две специјално дизајнирани живеалишта – едното ќе имитира вселенско летало, додека другото ќе биде база на површината на друга планета. Тие ќе вршат задачи како симулирани прошетки по Марс, работа со ровери и истражувачки активности.
NАСА ќе следи како волонтерите се справуваат со физичките и психичките предизвици, како што се стресот и потребата за работа во тим, и ќе анализира влијанието на овие услови врз здравјето и когнитивните способности.
Оваа симулација е продолжение на програмите HERA и CHAPEA, во кои НАСА веќе спроведува долготрајни експерименти. На пример, во CHAPEA, четворица волонтери се сместени во 3Д-печатено живеалиште со ограничени ресурси, изолација и технички предизвици.
Иако учесниците нема да ја напуштат Земјата, целта на НАСА e симулацијата да ги репродуцира предизвиците на вистинска мисија во длабоката вселена. Собраните податоци ќе бидат важни за подготовката на идните мисији кон Месечината и Марс.
Во моментов, актуелната CHAPEA мисија е во тек, со четворицата волонтери кои започнале во октомври 2025 година и треба да ја завршат својата 378-дневна мисија на 31 октомври 2026 година.

