70-годишен маж со сериозни хронични здравствени проблеми е осмата жртва на западнонилската треска во нашата земја. Пациентот бил примен на Клиниката за инфективни болести на 25 август, во многу тешка состојба.
Директорот на Клиниката, Фадил Цана, истакна дека пациентот веднаш по приемот бил префрлен на интензивно одделение, каде што бил интубиран и ставен на механичка вентилација. И покрај напорите за лекување и интензивната терапија, неговата состојба не се подобрила.
Во моментот, на Клиниката се лекуваат уште осум лица заболени од оваа болест, при што кај двајца од нив клиничката слика е особено критична, па тие се под интензивна нега и приклучени на респиратор. Тие имат подолг период на хоспитализација, но засега нема значителни подобрувања во нивната здравствена состојба.
Загрижувачки е тоа што сите пациенти кои в момента се лекуваат во болница се над 60 години.
Досега се регистрирани повеќе од 50 случаи на западнонилска треска кај лица со хронични заболувања. Сите досегашни смртни случаи се кај мажи постари од 60 години, кои имале и повеќе придружни здравствени проблеми.
Епидемијата на западнонилска треска продолжува да се шири во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.


