Во косовското село Кервасари, во близина на Малишево, се случи трагичен настан. Вчера вечер, млада бремена жена на 25 години и нејзиниот сопруг, стар 26 години, беа застрелани во нивната спална соба. Жената почина по здобиените повреди, додека сопругот беше пренесен во болница во исклучително тешка состојба.
Полицијата примила пријава за инцидентот околу 23:20 часот. По пристигнувањето, биле пронајдени двајцата сопружници со прострелни рани. На местото веднаш биле испратени полициски и форензички екипи за да обезбедат доказите и да истражат случајот.
При увидот, било пронајдено и одземено огнено оружје – револвер, за кој се проучува дали е користен за нападот. Од Ургентниот центар во Приштина информираа дека сопружниците се доведени непосредно по полноќ, при што жената била без знаци на живот, додека нејзиниот сопруг имал тешки повреди и бил задржан на лекување.
Според лекарите, неговата состојба е многу сериозна. Косовските истражни органи продолжуваат со истрагата, но засега нема информации за мотивите и околностите кои довеле до пукањето. Полицијата работи на утврдување на сите детали околу трагедијата.


