Непосредно пред почетокот на големиот концерт во арената „Борис Трајковски“, со кој се одбележуваат 50 години од нејзината музичка кариера, Весна Змијанац зборуваше за својата врска со македонската публика.
Балканската музичка ѕвезда беше расположена и насмеана, а не го сокри задоволството што повторно настапува пред публиката во Скопје. Таа рече дека едвај чека да излезе на сцената и да запее, додавајќи дека за Скопје и Македонија чувствува само убави емоции.
„Едвај чекам да почнам да пеам за да се загреам. Го сакам Скопје, секогаш сум го сакала. Секогаш сум среќна кога доаѓам овде, ја сакам Македонија“, изјави Весна пред концертот.
На прашањето за плановите по големата музичка вечер, таа остана доследна на својот едноставен и спонтан начин на живот. Рече дека не прави посебни планови и дека остава денот сам да покаже што ќе донесе.
„Кај мене нема планови. Што ќе ми донесе денот, тоа е“, одговори пејачката.
Иако зад себе има пет децении успешна кариера, многубројни хитови и настапи, Весна Змијанац и понатаму со иста возбуда се подготвува да настапи пред публиката. Со тоа, македонските обожаватели уште еднаш добија можност да уживаат во песни што со години се дел од животите на повеќе генерации.


