Во Австралија се случило вистинско чудо кога 17-годишниот Вилијам бил пронајден жив по шест дена во густа и тешко пристапна шума. Неговото спасување било снимено од камерите на полицискиот хеликоптер, кој го забележал токму во моментот кога пристигнала помошта.
Тој исчезнал на 6 ноември додека кампувал со пријател во близина на Валхала, во регионот Гипсленд, во сојузната држава Викторија, околу 185 километри источно од Мелбурн. Се оддалечил од кампот за да земе дополнителна опрема, но не се вратил. Телефонот не го носел со себе, а храната и водата останале во кампот.
По исчезнувањето била организирана голема потрага во која учествувале повеќе од 100 припадници на итните служби и волонтери, полициски екипи, кучиња трагачи и специјализирани спасувачи.
Според полицијата, момчето се движело низ исклучително тежок терен со стрмни падини и густа вегетација. Во последните два дена пред да биде најдено, било заглавено покрај суво речно корито, на околу два километри од местото каде што последен пат било видено.
Преживувало со малку храна, меѓу која имало и пакетче чипс, а пиело вода од блискиот поток. Студените ноќи во тој регион дополнително му го отежнувале преживувањето.
Потрагата добила неочекуван пресврт во четврток наутро, кога полицискиот хеликоптер го забележал Вилијам како лежи на карпа покрај потокот. На снимката се гледа како тој го слуша звукот на леталото, се буди и со крената рака им покажува на спасувачите дека е жив.
Потоа бил извлечен со специјална опрема и однесен на безбедно. Полицискиот инспектор Џејсон Бенбоу изјавил дека Вилијам се разбудил од звукот на хеликоптерот, им покажал кренат палец и потоа бил спасен.
Момчето имало неколку гребнатини и изгореници од сонце, но било во добра општа состојба и добро расположено. По спасувањето било пренесено во болница на дополнителни прегледи.


