Во германскиот град Бад Зегеберг, 24-годишен македонски државјанин е тешко повреден во инцидент кој се случил во саботата рано утро.
Според информациите од полицијата, расправијата започнала помеѓу две групи млади луѓе близу градскиот плоштад. Конфликтот брзо ескалирал, по што 23-годишен германец го нападнал Македонецот со нож. Во истата пресметка бил повреден и 23-годишен државјанин од Ирак.
Македонецот бил пренесен во болница со тешки повреди и веднаш подложен на операција. Првоначално, неговата состојба била оценета како животозагрозувачка, но по операцијата, лекарите потврдиле дека е надвор од опасност.
Осомничениот за нападот, заедно со уште две лица, избегале со автомобил, но подоцна биле пронајдени во локална клиника и приведени. Тројцата имале полесни повреди од инцидентот.


