Необичен случај од Мексико привлекува внимание на социјалните мрежи, поради тоа што фотографиите со дигитални филтри значително ја отежнале потрагата по исчезнатата 30-годишна жена.
Греција Гвадалупе Орантес Мендоза исчезнала на 12 април 2026 година во мексиканската сојузна држава Чијапас, а нејзиното семејство го пријавило исчезнувањето, по што започнала потрагата.
Но, за време на потрагата, настанал неочекуван проблем. Фотографиите користени во постовите за нејзиното исчезнување значително се разликувале од нејзиниот вистински изглед.
Според достапните информации, тие фотографии биле преземени од нејзини профили на социјалните мрежи, на кои користела филтри и дигитални корекции.
Поради тие измени, нејзините црти на лицето и тенот изгледале поинаку, што ја отежнувало задачата на луѓето кои се обидувале да ја препознаат.
Случајот брзо стана актуелен на интернет, при што многумина дискутираа за влијанието на филтрите и обработените фотографии на начинот на кој луѓето се претставуваат.
Среќно, приказната заврши позитивно. Според информациите, Греција била пронајдена жива неколку дена по исчезнувањето, на патот помеѓу градовите Окосокоаутла и Хикипилас. Надлежните не објавиле детали за околностите на нејзиното исчезнување.
Овој случај повторно го отвори прашањето за тоа како филтрите и дигиталните измени можат да ја променат реалната слика на една личност.

