Од 1 декември стапуваат во сила нови правила за отворање и продолжување на боледувањето, според кои матичните лекари ќе можат да одобрат до пет дена отсуство без дополнителни дијагностички испитувања, наместо досегашните седум дена.
За продолжување на боледувањето ќе бидат потребни соодветни медицински наоди или преглед кај специјалист, во зависност од здравствената состојба на пациентот. Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека тоа не значи оти пациентите задолжително мора да се вратат на работа по пет дена, бидејќи матичните лекари и натаму ќе можат да одобрат боледување до 15 дена, а за подолгите отсуства ќе одлучува лекарска комисија.
Предвидена е и можност за приоритетен упат кога состојбата бара побрз специјалистички преглед. Сепак, лекарите бараат дополнителни упатства за спроведување на правилникот, особено во ситуациите кога пациентите не можат навреме да закажат термин кај специјалист.
За боледувања подолги од 60 дена, вообичаено ќе биде потребно мислење од конзилиум од тројца специјалисти, со одредени исклучоци за тешки заболувања. Новиот правилник ги уредува и електронското издавање документи, повторното отворање боледување и правото на приговор.
Од Фондот најавуваат и едукативни средби со матичните лекари на 19 и 20 ноември, на кои ќе се разговара за новите правила и за нивната примена во практика.


