Луѓето што постојано внесуваат немир, прават проблеми и нè изложуваат на стрес можат да имаат поголемо влијание врз нашето здравје отколку што се мисли. Според ново научно истражување, негативните односи во нашето опкружување може да бидат поврзани со побрзо биолошко стареење.
Студијата, објавена во научното списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“ (PNAS), опфатила 2.345 возрасни лица на возраст од 18 до 103 години. Истражувачите ги анализирале нивните социјални односи, здравствената состојба и биолошките показатели во примероци од плунка за да утврдат дали луѓето што им создаваат постојан стрес се поврзани со процесот на стареење.
Резултатите покажале дека секоја дополнителна личност што е извор на проблеми и стрес се поврзува со околу 1,5 отсто побрзо биолошко стареење. Научниците забележале и разлика од приближно девет месеци во биолошката возраст кај испитаниците изложени на вакви односи. Особено значајно е што како извори на стрес не се издвојуваат само пријателите или познаниците, туку и членовите на семејството, а блиските и семејните односи може да бидат сериозен товар.
Истражувањето покажало и дека речиси 30 отсто од испитаниците пријавиле барем една личност во своето опкружување што им создава проблеми или им го отежнува секојдневието. Поголем број вакви односи бил поврзан и со други неповолни здравствени показатели, меѓу кои воспалителни процеси и повеќе здравствени проблеми истовремено.
Сепак, научниците нагласуваат дека станува збор за поврзаност, а не за доказ дека токсичните односи директно предизвикуваат забрзано стареење.
Овие резултати отвораат важно прашање за тоа колку луѓето околу нас влијаат врз нашето здравје. Поставувањето лични граници, препознавањето на односите што нè исцрпуваат и негувањето здрави социјални врски можат да бидат важен дел од грижата за сопствената благосостојба.


