Бугарија утре, на 11 ноември, ќе прогласи ден на национална жалост во знак на почит кон жртвите од двете тешки верижни сообраќајни несреќи што утринава се случија на автопатот „Тракија“. Според соопштението на бугарските власти, во трагедијата загинаа 12 лица, а 51 лице е повредено.
Несреќите се случиле во близина на патниот јазол Зимница, во регионот Јамбол. Во двата инцидента учествувале вкупно 86 возила, меѓу кои автомобили, камиони и автобуси. Поради тежината на судирите, сообраќајот на автопатот бил целосно прекинат во двете насоки.
Според првичните информации, густата магла и наглото намалување на видливоста се меѓу главните причини што придонеле за катастрофата. Првиот верижен судир се случил во насока кон Бургас, а потоа следувал и втор инцидент во спротивната насока, откако возачите нагло ја намалиле брзината.
Повредените се пренесени во здравствени установи во Сливен, Јамбол и Бургас. Според податоците на бугарското Министерство за здравство, 33 лица се хоспитализирани во Сливен, 11 во Јамбол, а седум во Бургас. Тринаесетмина од повредените се во тешка здравствена состојба.
Бугарскиот премиер Румен Радев ја нарече несреќата „црн ден за цела Бугарија“ и упати сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Тој им се заблагодари на медицинските екипи, пожарникарите, полицијата и граѓаните што учествувале во спасувачката акција, нагласувајќи дека помошта била укажана во исклучително тешки услови.
За транспорт на најтешко повредените и за дополнителна медицинска поддршка, во готовност се ставени владиниот авион и двата воени транспортни авиона „Спартан“.
Бугарските власти најавија дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки за згрижување на повредените, а надлежните служби продолжуваат да ги утврдуваат околностите и причините за една од најтешките сообраќајни трагедии во поновата историја на земјата.

