Легендарната Весна Змијанац по три децении повторно доаѓа во Скопје, каде што на 28 ноември во 20 часот ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во рамките на јубилејната турнеја „GOLDEN TOUR – 50 ГОДИНИ КАРИЕРА“.
Настанот е најавен како музички спектакл што ќе ги одбележи петте децении од нејзината кариера, исполнети со хитови, незаборавни настапи и бројни средби со публиката. Змијанац е препознатлива по својот глас, впечатливата интерпретација и сценската харизма, а нејзините песни одамна станаа дел од животите на многу генерации.
Концертот во Скопје има посебна тежина, бидејќи македонската публика со години ја прифаќа и ја наградува вистинската музичка вредност. Оваа ноемвриска вечер треба уште еднаш да ја потврди силната врска меѓу Весна Змијанац и публиката во Македонија.
Турнејата започна во Белград, каде што таа одржа три концерти во три последователни вечери пред три распродадени арени. По Скопје, следуваат настапи во Сараево на 19 декември, како специјална гостинка на концертот на Мирослав Илиќ во Загреб на 21 јануари, а на 20 февруари ќе пее и во Љубљана.
Организатор на настанот е Hype Продукција, предводена од Саша Мирковиќ, за кого Весна Змијанац рече дека е заслужен за нејзиното враќање на големата сцена. Таа истакна дека неговата упорност, професионалност и верба во заедничката визија биле клучни за повторното започнување на големите концерти.
„Саша, пред сè, знае да ја работи оваа работа, а освен тоа, упорен е и кога нешто ќе науми, за него нема невозможно. Тој е одличен менаџер, прекрасен човек, пријател и другар. Благодарение на него се вратив на големата сцена“, изјави Змијанац.
Поради големиот интерес за влезници, концертот е преместен од арената „Јане Сандански“ во поголемата арена „Борис Трајковски“, што уште еднаш покажува колкава е побарувачката за нејзиниот настап во Скопје.
На денешната прес-конференција, Весна Змијанац рече дека е многу возбудена и дека долго време не била во Скопје. Таа порача дека ги сака Скопје и македонскиот народ и потсети дека порано турнеите често ги започнувала токму од овој град, бидејќи, како што рече, секогаш ја следела среќа кога тргнувала оттука.
Влезниците за концертот се достапни преку интернет-платформата kupikarta.com.


