Британската пејачка и авторка на песни Оливија Дин е прогласена за изведувач на годината за 2026 година од „Apple Music“, со што стана првата изведувачка од Обединетото Кралство што ја доби оваа престижна титула.
Зад неа стои исклучително успешна година, особено по излегувањето на нејзиниот втор студиски албум „The Art of Loving“, објавен во септември 2025 година, кој и годинава бележи голем успех. Нејзиниот хит „Man I Need“ е присутен на листата Daily Top 100 на Apple Music секој ден од 29 август 2025 година.
Дин веќе има освоено награда „Греми“ за најдобар нов изведувач, како и четири награди BRIT, меѓу кои и признанието за британски изведувач на годината. Нејзината популарност се потврди и на сцената: по настапите како предгрупа на Сабрина Карпентер во „Медисон Сквер Гарден“ во 2025 година, таа годинава одржа четири свои распродадени концерти во истата сала, а имаше и шест настапи пред преполна арена во лондонската „О2“.
Од „Apple Music“ истакнаа дека токму нејзината искреност и песните за љубовта, пријателството и меѓучовечките односи ѝ помогнале да воспостави силна врска со публиката.
„Навистина сакам да создавам музика. Тоа е најубавото нешто на светот. Да бидам препознаена како изведувачка што оставила впечаток е навистина посебно“, изјави Оливија по добивањето на признанието.
Со оваа награда, нејзиното име се приклучува на листата на досегашни добитници, меѓу кои се Тејлор Свифт, Били Ајлиш, Бед Бани и Тајлер, д Креатор.

