Младиот Јован Вукашиновиќ од Струмица постигна голем меѓународен успех со освојувањето на првото место во својата рејтинг-категорија на шаховскиот турнир „Трофеј на Врњачка Бања 2026“, кој се одржа на 8 ноември во Србија.
Јован, ученик во шесто одделение во ООУ „Видое Подгорец“, беше најдобар во конкуренција на шахисти со рејтинг до 1850 поени. Неговиот настап е особено впечатлив затоа што во текот на турнирот успеа да победи двајца интернационални мајстори и двајца ФИДЕ-мајстори, шахисти со значајни меѓународни титули и големо искуство.
На турнирот учествувале 293 шахисти од 40 држави, меѓу кои имало и многу велемајстори, интернационални мајстори и ФИДЕ-мајстори. Натпреварувањето се играло во забрзан шах, во девет кола, а вкупен победник бил Михаил Брјакин.
Успехот на младиот струмичанец е уште поголем ако се земат предвид неговите години и силната конкуренција. Со првото место во својата категорија и победите над четворица титулирани шахисти, Јован привлече големо внимание и донесе повод за гордост за своето училиште и за Струмица.
Овој резултат уште еднаш покажува дека младите македонски таленти можат успешно да се носат и на меѓународната шаховска сцена.


