Според пишувањата на српските медиуми, вчеравечер бил запален автомобилот на пејачката Александра Пријовиќ и нејзиниот сопруг Филип Живојиновиќ пред нивниот семеен дом во Белград.
Наводно, џипот бил паркиран во населбата Бежаниска коса, веднаш спроти нивната куќа. Откако избувнал пожарот, на местото брзо пристигнале полицијата и противпожарните екипи.
Засега нема дополнителни информации за тоа како дошло до пожарот, ниту дали има повредени. Надлежните служби треба да утврдат што точно се случило по завршениот увид.
Александра Пријовиќ и Филип Живојиновиќ се во брак од 2018 година и важат за еден од познатите парови на регионалната естрада. Тие имаат две деца, синот Александар и ќерката Арија.
Покрај семејниот живот, двајцата соработуваат и професионално. Филип е вклучен во музичката кариера на сопругата како продуцент и автор, а Пријовиќ повеќепати нагласувала колку ѝ значи неговата поддршка и во приватниот и во професионалниот живот.


