Мајката на младата девојка од Охрид, која била брутално претепана од нејзиниот партнер, изнесе нови и вознемирувачки тврдења за настанот и за тоа што, според неа, се случувало по нападот.
Во објава на социјалните мрежи, таа раскажува дека ќерка ѝ била во беспомошна состојба и изразува голем страв за нејзината безбедност. Според нејзините зборови, девојката и натаму е во болница и живее во постојан страв.
Мајката тврди дека 31-годишниот маж, откако ја претепал и помислил дека е мртва, стапил во контакт со својот татко и побарал совет како да се ослободи од телото. Таа наведува и дека таткото му давал насоки што да направи.
Дополнително, таа вели дека мобилниот телефон на ќерка ѝ бил искршен, поради што девојката останала без можност да повика помош.
Во објавата мајката пренесува и зборови што, според неа, девојката ги слушнала додека била во тешка состојба: „Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“
Таа исто така тврди дека лица од опкружувањето на осомничениот не сакале да помогнат девојката да биде пренесена во болница, иако, според неа, ѝ била потребна итна медицинска помош. Освен тоа, наведува дека во еден момент осомничениот побарал нож и се заканувал дека ќе ја докрајчи.
Станува збор за сериозни наводи што ги изнела мајката на девојката, а од надлежните институции се очекува да утврдат дали и во која мера се поткрепени со докази.


