Познатиот пејач Саша Ковачевиќ стана татко, откако неговата сопруга Зорана Тасовац се породи и донесе на свет здраво машко бебе. Радосната вест ги израдува семејството, пријателите и многубројните обожаватели на пејачот.
Ова е првото заедничко дете на Саша и Зорана. Тој и претходно јавно зборуваше за тоа колку многу сакал да стане татко и не криел дека со нетрпение го очекувал доаѓањето на приновата. Во претходни интервјуа кажуваше дека би сакал да присуствува на породувањето и да ѝ биде поддршка на сопругата.
„Сакам да бидам таму, како поддршка, но и да ги почувствувам убавините на татковството уште од првата секунда кога ќе дојде на свет“, изјавил пејачот.
Ковачевиќ открил и дека подолго време се подготвувале за бебето, а признал дека сè уште не донеле конечна одлука за името на новороденчето. Двојката уште претходно дознала дека очекува момче и таа вест ја споделила со јавноста со големо воодушевување.
Зорана од претходна врска ја има ќерката Искра, а Саша во повеќе наврати истакнувал колку ја сака и колку се блиски. Со новороденчето, нивното семејство сега е побогато за уште еден член, а на новите родители веќе им пристигнуваат бројни честитки и убави желби.


