Српскиот пејач Никола Роквиќ престојуваше во Крушево, родниот град на Тоше Проески, каде што заедно со своите музичари ја посети спомен-куќата посветена на македонската музичка легенда.
Посетата имала силна емотивна тежина, особено затоа што Роквиќ се сретнал со најблиските на Тоше. Тој и неговиот тим биле пречекани од мајката и сестрата на пејачот, како и од негови блиски пријатели, на кои јавно им се заблагодарил за гостопримството.
Роквиќ сподели и видео од спомен-куќата, во кое внимателно ги разгледува личните предмети, фотографиите и сценската облека на Проески. Како музичка подлога ја избрал песната „Игри без граници“, со што дополнително ја нагласил емотивноста на посетата.
Во објавата напиша дека со своите музичари го посетил Крушево, местото од каде што потекнува, како што рече, најдобриот глас што чекорел по овие простори. Им се заблагодари на пријателите на Тоше, на неговата сестра и мајка што ги пречекале, и порача дека ништо не е залудно и дека љубовта никогаш не престанува.
Неговата посета предизвика многу позитивни реакции на социјалните мрежи, а следбениците го поздравија овој гест и потсетија дека музиката и делото на Тоше Проески и понатаму живеат и ги поврзуваат луѓето низ регионот.


