Во италијанскиот град Ровиго се случил необичен инцидент, кога двајца малолетници украле автобус од депото на транспортната компанија „Буситалија Венето“ и предизвикале хаос на патиштата. По возење од околу осум километри, ја изгубиле контролата над возилото, излетале од патот и завршиле во канал.
Кражбата, според информациите, се случила околу 23 часот, кога тинејџерите насилно влегле на паркингот за автобуси. Пред да го земат автобусот, направиле значителна материјална штета и оштетиле околу десет возила. На автомобилите им ги искршиле стаклата и ретровизорите, а оштетиле и дел од опремата на паркираните автобуси.
Откако го вклучиле моторот на украдениот автобус, се упатиле кон населбата Лендрара. Но нивното бегство траело кратко, бидејќи по осум километри возилото излетало од коловозот и се превртело во канал.
По несреќата, двајцата малолетници го напуштиле местото пеш и се обиделе да избегаат, но полицијата набрзо ги пронашла на железничката станица во Ровиго.
Истражителите се сомневаат дека можеби биле инспирирани од популарната видеоигра „ГТА 6“, особено затоа што на социјалните мрежи било објавено видео од внатрешноста на автобусот, во кое тинејџерите ја споменуваат токму играта.
Против нив се поднесени пријави за кражба, уништување и оштетување туѓ имот, попречување на јавната услуга и управување со моторно возило без возачка дозвола.
Поради штетата на автобусите, транспортната компанија морала да обезбеди други возила за да не дојде до прекин на редовниот јавен превоз.


