Институтот за јавно здравје соопшти дека во земјава е забележана зголемена активност на респираторните вируси. Според најновите податоци, во 46. недела од 2026 година биле потврдени три нови случаи на коронавирус, а истовремено продолжува и ширењето на грипот.
Во неделниот извештај се наведува дека лабораторијата на ИЈЗ анализирала вкупно 64 примероци за грип, COVID-19 и респираторен синцицијален вирус, односно РСВ.
Кај четири лица е утврден грип. Три од примероците биле позитивни на инфлуенца тип А без прецизно утврден подтип, а кај еден бил потврден вирусот A(H3). Дополнително, SARS-CoV-2 бил откриен во три примероци, додека ниту еден од тестираните примероци не покажал присуство на РСВ.
Истовремено, расте и бројот на лица со симптоми на грип. Во претходниот извештаен период биле пријавени 154 заболени, што е за 37,5 проценти повеќе отколку една недела претходно. Најмногу пријавени случаи има во Скопје и во Тетово.
Грипот ги зафатил и најмладите. Две деца со потврден вирус биле згрижени на Клиниката за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Лекарите истовремено бележат зголемен број деца со различни респираторни инфекции, а на болничко лекување биле околу 50 деца, меѓу кои и бебе старо само 40 дена.


