Мараја Кери, една од најпознатите поп-ѕвезди и изведувачка на бројни хитови што особено се слушаат во зимскиот период, се најде во центарот на вниманието поради реакциите на јавноста и на социјалните мрежи. Причина за тоа беа нејзините настапи во Бразил.
Видеоснимките од изведбите брзо се проширија и станаа масовно споделувани, а дел од коментарите ја опишуваат како вкочанета, без доволно енергија и со необична кореографија. Најмногу внимание привлече настапот во Сао Паоло на 17 ноември, кога за време на песната „Fantasy“ нејзините танчери ѝ помагаа да се движи по сцената.
Некои корисници на интернет отидоа дотаму што коментираа дека изгледа како жена на 77 години, а не на 57. Подоцна Мараја настапи и во Рио де Жанеиро на 21 ноември, каде што ја отпеа и една од своите најпознати песни, „All I Want for Christmas Is You“.
Реакциите се поделени: додека едни ја критикуваат, други ја бранат и истакнуваат дека таа е музичка легенда со многу светски хитови и омилена кај повеќе генерации. Засега нема никаква официјална информација дека Мараја Кери има здравствени проблеми или дека нешто не е во ред со неа, па коментарите остануваат само шпекулации и лични впечатоци.

