Холивудската ѕвезда Анџелина Џоли наводно решила да го напушти Лос Анџелес и да започне ново поглавје во животот на Источниот брег на САД, по долгогодишните несогласувања и правни спорови со поранешниот сопруг Бред Пит.
Американските медиуми пишуваат дека актерката сака живот надвор од Калифорнија, а како можна нова дестинација се споменува Конектикат. Ова следува откако ја продаде својата позната куќа во Лос Анџелес за 24,75 милиони долари.
Луксузниот имот порано бил во сопственост на славниот режисер Сесил Б. Демил, а Џоли го купила во 2017 година за 24,5 милиони долари. Токму таму живеела со години по разделбата со Пит.
Актерката уште во 2024 година во едно интервју изјавила дека останува во Лос Анџелес поради околностите поврзани со разводот и децата, но додала дека планира да замине кога сите нејзини деца ќе станат полнолетни.
Нејзините најмлади деца, близнаците Нокс и Вивиен, во меѓувреме наполнија 18 години, па се отвори можноста Џоли да го промени местото на живеење.
Конектикат се споменува како една од можните опции, а актерката веќе има имотни и деловни врски во Њујорк, каде што го развива и својот моден проект.
Иако преселбата сè уште не е официјално потврдена, американските медиуми наведуваат дека Џоли е подготвена за нов почеток, далеку од градот што ја потсетува на турбулентниот период од нејзиниот приватен живот.


