Армијата на Република Северна Македонија денес слави 34 години од своето создавање. За време на овој период, таа се трансформираше во современа и професионална воена сила, интегрирана во евроатлантскиот безбедносен систем.
Годишнината доаѓа во време на интензивен развој на армиските капацитети, со акцент на модернизацијата, учество во меѓународни мисии и усогласување со НАТО стандардите.
Во текот на изминатата година, акцентот беше ставен на подобрување на борбената готовност и оперативните способности. Особено значајно беше оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група за време на вежбата „Блесок 26“, при што единицата беше оценета како подготвена за исполнување на својата мисија.
Армијата активно учествува во меѓународните безбедносни мисии, со повеќе од 180 припадници распоредени во Романија, Бугарија, Летонија, Косово, Босна и Херцеговина, и Либан, како и во мисијата NSATU на НАТО, која обезбедува безбедносна помош и обука за Украина.
Покрај меѓународната активност, армиските единици се подготвени да ја поддржат домашната администрација кога е потребно дополнително ангажирање на ресурси. Особено во летните месеци, Армијата има висока готовност за интервенција при пожари и природни катастрофи, со повеќе од 300 припадници подготвени за брзо дејствување.
Процесот на модернизација опфаќа воведување на оклопните возила „Страјкер“ и „JLTV“, што ја зголемува мобилноста и заштитата на припадниците. Артилерискиот систем „Боран“ овозможува прецизно дејствување на големи далечини, додека новиот противвоздушен систем „Мистрал 3“ ќе ги засили способностите за заштита на воздушниот простор.
По 34 години од формирањето, Армијата продолжува да се развива со цел поголема оперативна подготвеност и интероперабилност со сојузничките сили, со основна задача заштита на независноста, територијалниот интегритет и безбедноста на државата и нејзините граѓани.

