Православните верници денес го слават Крстовден, познат и како Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов, еден од важните празници во православниот календар.
Овој ден е посветен на Чесниот Крст, на кој, според христијанското учење, бил распнат Исус Христос. Во православната традиција, Крстот симболизира страдањето и жртвата на Христос, но и победата над смртта и надежта за воскресение.
Според црковното предание, Чесниот Крст бил откриен во Ерусалим за време на владеењето на царот Константин Велики и неговата мајка, царицата Елена. При ископувањето, биле пронајдени три крста, а за да се идентификува Христовиот, тие биле предложени на една тешко болна жена. Кога таа го допрела вистинскиот Крст, оздравела, што ја потврдило автентичноста на Чесниот Крст. Потоа, патријархот Макариј Ерусалимски го подигнал Крстот, овозможувајќи му на народот да го види и да му се поклони. Ова е причината за името Воздвижение, што значи воздигнување на Чесниот Крст.
Крстот е во центарот на христијанската вера. Тој претставува не само Христовото распнување, туку и неговото воскресение, победата над смртта и надежта за вечен живот. Затоа, Крстовден се слави со молитви, богослужби и поклонување пред Чесниот Крст.
Според православната традиција, Крстовден е посен ден, кој се смета за време на воздржување, молитва и духовно преиспитување. Верниците се охрабруваат овој ден да посветат повеќе внимание на духовниот живот, молитвата и добрите дела. Крстовден е празник кој потсетува на длабоката порака на верата – трпеливост во тешките моменти, смирение, љубов кон ближниот и надеж.
На 27 септември, православните верници со молитва го одбележуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, празник кој со векови има важно место во христијанската традиција.


