Голден Стејт Вориорс се соочи со голем проблем откако нивната најголема ѕвезда, Стеф Кари, мораше предвреме да го напушти натпреварот против Хјустон Рокетс поради повреда.
Непријатноста се појавила уште во првата четвртина, кога Кари почувствувал болка во десната страна од стомакот. Иако се обидел да продолжи, брзо станало јасно дека не е во состојба да игра на своето вообичаено ниво, па се повлекол во соблекувалната.
Од редовите на Голден Стејт потврдиле дека кошаркарот нема да се врати на паркетот до крајот на средбата. Тренерот Стив Кер изјавил дека станува збор за невообичаено чувство и нагласил дека Кари досега немал сличен проблем.
По натпреварот, Кари бил испратен на дополнителни медицински прегледи, меѓу кои и магнетна резонанца, за да се утврди колку е сериозна повредата.
Голден Стејт на крајот загуби со 115:108, со што беше прекината нивната серија од осум победи.
Сега останува прашањето колку е сериозна повредата на Кари и колку натпревари би можел да пропушти еден од клучните играчи на тимот.

