Маја Глигоровска, поранешна мисица и манекенка, која веќе 17 години е наставник во ООУ „Браќа Миладиновци“, деновиве беше во фокусот на модните настани во Милано.
Таа учествуваше на ревијата на македонската дизајнерка Викторија Џимревска, која се одржа во престижниот Acquario Civico di Milano, во рамките на модната сцена на Италија.
Маја имаше специјална улога, бидејќи ја отвори и затвори ревијата, а на пистата се појави во две сосема различни креации.
На првата појава, носеше впечатлива црна комбинација со корсетен топ и кратка силуета, а ја надополнуваше со долга, проѕирна црна наметка со драматични ракави и реси. Изгледот го заокружи со црни сандали и очила за сонце, што му даваше модерен и елегантен тон.
Во втората креација, гламурот беше во прв план – Маја носеше црн сјаен корсет во комбинација со долга проѕирна здолниште-креација со впечатлив дезен и богата завршница. Оваа комбинација ѝ дозволи да покаже поинаква енергија на пистата.
„Милано секогаш има посебна магија за мене, особено во светот на модата, и ова искуство навистина ќе го паметам. Беше големо задоволство да бидам дел од ревијата на Викторија Џимревска во Acquario Civico, а тоа што ми беше доверено да ја отворам и затворам ја направи оваа пригода уште позначајна“, изјави Маја.
Таа сподели дека двете појавувања ѝ овозможиле да пренесе различна енергија.
„Моментот пред да излезеш на пистата носи специјален адреналин. Кога музиката почнува, светлата се палат и знаеш дека моментот е твој. Тогаш забораваш на сè околу себе и само уживаш во пистата“, додаде Глигоровска.


