in

Македонскиот јазик стигна до Токио: јапонски ученици учат за нашата традиција и културно наследство

Македонската култура и македонскиот јазик допираат и до места оддалечени илјадници километри, а во средното училиште „Таканава“ во Токио учениците имаат можност да го изучуваат македонскиот јазик и да се запознаат со нашите традиции, обичаи и културно наследство.

За оваа иницијатива особено заслужен е професорот Томоки Аојама, кој го води Македонскиот клуб во училиштето и ја поттикнува љубопитноста на младите за Македонија.

Неодамна училиштето го посетиле поранешниот јапонски амбасадор Оцука, кој е претседател на Јапонско-македонската асоцијација за пријателство, како и претставничката на амбасадата, Галина. По тој повод, на учениците им биле подарени работни тетратки за изучување македонски јазик, материјали од култната детска емисија „Бушава азбука“ и книги со македонски бајки.

Младите добиле и македонски чоколади и слатки, како мал вкус од нашата земја, претставен преку јапонската традиција на подарување сувенири.

Интересот за Македонија не е нов, бидејќи и претходно учениците од ова училиште преку училишни фестивали ја претставувале македонската гастрономија, природните убавини, обичаите и традицијата.

Оваа приказна уште еднаш покажува дека македонскиот јазик и културата можат да најдат свое место и во најоддалечените делови од светот, поврзувајќи млади од различни земји.

What do you think?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Бизарен тренд на социјалните мрежи: мажи си ги бричат трепките за да изгледаат помажествено