Од полноќ повторно ќе се зголемат цените на горивата на бензинските станици во Македонија, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Најзначајно поскапување се очекува кај дизелот, кој ќе поскапи за 6,50 денари по литар. Бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ ќе се зголемат за по 4,50 денари, додека екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе чини 6 денари повеќе по литар.
По новата цена, литар „евросупер БС-95“ ќе се продава за 91,50 денари, а „евросупер БС-98“ за 93,50 денари. Цената на „евродизелот БС (Д-Е V)“ достигнува 98 денари по литар, а екстра-лесното масло 1 (ЕЛ-1) ќе чини 98,50 денари.
Промени има и кај мазутот, кој поскапува за 0,188 денари, достигнувајќи цена од 43,726 денари за килограм.
Регулаторната комисија за енергетика продолжи да ја применува намалената акциза од 2 денари за литар кај бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“. За „евродизелот (Д-Е V)“, намалената акциза од 4 денари за литар останува на сила.


