Кривичниот суд им изрече воспитно-поправни мерки на четирите малолетнички осомничени за насилство врз 13-годишно девојче во скопската населба Ѓорче Петров.
Според информациите од судот, девојчето што се води како првообвинето ќе биде сместено во воспитно-поправен дом во траење од една година, а за останатите три малолетнички е определена мерка во траење од осум месеци.
Од судот наведуваат дека одлуката засега не е правосилна. Пресудата сè уште се подготвува во писмена форма и не им е доставена на странките во постапката.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, откако беше откриено дека група малолетнички во два одделни наврати физички ја нападнале и малтретирале 13-годишната ученичка. Дополнителен револт предизвика и тоа што дел од присутните не се обиделе да го спречат насилството, туку нападите ги снимале со мобилни телефони.


