Во регионот на Монт Еверест во Непал се случи тешка несреќа кога два хеликоптера се судрија на хелиодромот во Пхериче. Во инцидентот загина 47-годишен индиски турист, а тројца други лица се повредени.
Несреќата се случила во вторникот наутро околу 8:11 часот локално време, во областа Солукхумбу, на надморска височина од околу 4.200 метри. Хеликоптерите припаѓаат на компаниите „Фиштејл ер“ и „Ер Династи“. Според првичните информации од воздухопловните власти во Непал, роторите на леталата се судриле додека се подготвувале за слетување.
Жртва на несреќата е Басант Кумар Баларамарамаду, индиец од Ченај. Меѓу повредените се и патник со новозеландско државјанство и пилотите на двата хеликоптера. Повредените лица се евакуирани за медицинска помош. На социјалните мрежи се појавија снимки од местото на несреќата, на кои се гледа како луѓе се повлекуваат по судирот на леталата.
Пхериче е популарна дестинација на патеката кон базниот камп на Монт Еверест, каде што хеликоптерите често се користат за транспорт на туристи и итна евакуација на планинари.
Причината за несреќата сè уште не е официјално утврдена, а властите започнаа истрага за да ги откријат околностите под кои дошло до судирот.


