Календарот на неработни денови за 2027 година носи неколку можности за продолжен викенд, без да се трошат денови од годишниот одмор. Таквите паузи се идеални за кратки патувања, семејни дружења и одмор, а најдолгиот таков период ќе го имаат православните верници за велигденските празници.
Првиот продолжен викенд ќе биде уште на почетокот на годината. Бидејќи 1 јануари, Нова година, паѓа во петок, граѓаните ќе одмараат три дена, односно до недела, 3 јануари.
Следната можност за подолг одмор е за Велигден. Вториот ден на Велигден, 3 мај, е неработен ден за сите граѓани, па викендот ќе се продолжи од 1 до 3 мај. Православните верници ќе имаат и дополнителен слободен ден — Велики петок, 30 април, со што ќе добијат четиридневен одмор.
Во мај следува уште еден продолжен викенд. Празникот „Св. Кирил и Методиј – Ден на сесловенските просветители“ се одбележува на 24 мај, а во 2027 година тој паѓа во понеделник, што значи три слободни дена, од 22 до 24 мај.
Илинден, односно Денот на Републиката, исто така ќе донесе продолжен викенд. Празникот паѓа во понеделник, 2 август, па слободни ќе бидат деновите од 31 јули до 2 август.
Последната можност за тридневен одмор ќе биде во октомври. Денот на народното востание, 11 Октомври, паѓа во понеделник, што значи продолжен викенд од 9 до 11 октомври.
Покрај овие пет продолжени викенди, во календарот се предвидени и други неработни денови за сите граѓани: 7 јануари, четврток, Божик; 9 март, вторник, Рамазан Бајрам; 8 септември, среда, Ден на независноста; 23 октомври, сабота, Ден на македонската револуционерна борба; и 8 декември, среда, Св. Климент Охридски.


