На магистралниот пат Мојковац–Колашин во Црна Гора, автобус со околу 90 ученици, кои се враќале од екскурзија, учествувал во тешка сообраќајна несреќа.
Инцидентот се случил вчера околу 20:35 часот во реонот на Штитаричка Ријека. Според првичните информации, на патот ненадејно се појавил одрон од карпа и земја, по што возачот се обидел да го избегне. При маневарот, автобусот удрил во карпестата препрека со десната предна страна.
Во несреќата повредени се пет лица. Најтешко е повреден водачот на групата, кој има скршеница на карлицата и повреда на пршлен. Поради сериозноста на повредите, тој е транспортиран во Клиничкиот центар на Црна Гора.
Четири други лица добиле полесни повреди и им е укажана медицинска помош во болницата во Бијело Поле. Меѓу повредените се и тројца ученици од основното училиште „Павле Ровински“ од Подгорица.
По несреќата, надлежните започнале со организација за враќање на учениците. Дел од децата биле префрлени кон Подгорица со автомобили и возила на приватни превозници, додека за останатите бил обезбеден нов автобус од туристичката агенција организатор.
На местото на несреќата пристигнале и родители, кои ги презеле дел од учениците и ги однеле дома.
Во меѓувреме, полицијата го проверила возачот на автобусот со алкотест, а според првичните податоци, тој не бил под дејство на алкохол.
Случајот е пријавен до државниот обвинител во Бијело Поле, а во тек е истрага за утврдување на специфичните околности и причините за несреќата.


