Речиси една четвртина од младите во Македонија на возраст од 15 до 29 години не се вработени, не се во образовниот систем и не учествуваат во стручни обуки. Според најновите податоци на Евростат за 2025 година, уделот на оваа група изнесува 23,4 проценти.
Податоците покажуваат и влошување во споредба со минатата година. Во 2024 година процентот на млади кои биле надвор од пазарот на трудот и образованието изнесувал 22,6 проценти.
Споредбата со Европската Унија уште повеќе го нагласува проблемот. Просечната стапка во ЕУ е 11 проценти, што значи дека показателот во Македонија е повеќе од двојно поголем.
Овој показател се нарекува NEET и ги опфаќа младите кои не работат, не учат и не посетуваат обуки. Во оваа категорија не спаѓаат само оние што активно бараат работа, туку и младите што воопшто не се вклучени на пазарот на трудот.
Високата стапка укажува на сериозен општествен проблем, бидејќи многу млади остануваат надвор од образовните и професионалните текови, што може да се одрази врз нивните идни можности за вработување и економска самостојност.

