in

Спектакуларно откритие во Дојранското Езеро – пронајден најстар бронзен меч во Македонија

Под површината на Дојранското Езеро е откриено значајно археолошко богатство! Струмичкиот археолог Зоран Рујак од НУ „Завод и музеј – Струмица“ пронашол бронзен меч кој датира од пред приближно 3.500 години, што го прави најстариот пронајден меч на територијата на Македонија.

Овој меч, типичен за микенската култура, претставува важен наод од периодот на бронзата и отвора нови прашања за животот на античките жители на регионот, нивните комуникации и потенцијалните врски со микенската култура.

Откритието е дел од годинашната археолошка кампања на локалитетот Мрдаја, каде истражувањата се реализираат под водство на археологот Зоран Рујак.

Покрај мечот, археолошкиот тим нашол и остатоци од куќа на металург, што дава дополнителни информации за обработката и топењето на метали во тој период.

Пронајдени се и бројни керамички садови со украсување од спирални и геометриски мотиви, кои укажуваат на присутен култ кон Сонцето.

Исто така, со новите истражувања се откриваат нови информации за староста на самиот локалитет. Досега се мислело дека населбата датира од доцното бронзено време, но новите податоци покажуваат дека животот тука започнал неколку века порано, во средното бронзено време, и тоа во првата половина на вториот милениум пред нашата ера.

Наколната населба Мрдаја, откриена во 2012 година, е важен локалитет за проучување на праисторискиот живот на Балканот и сведочи за организиран живот, занаетчиски активности и развиени вештини за обработка на материјали.

Ова ново откритие значително ја зголемува археолошката вредност на Дојранското Езеро, уште еднаш потврдувајќи дека под неговите води постојат остатоци од цивилизации и луѓе кои живееле на овие простори пред илјадници години.

What do you think?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Споменот на светиот маченик Нестор – со Божја помош го победи суровиот гладијатор Лиј!

Пронајдени 12 тела во чамец со мигранти кај Крит, спасени 105 лица