Грчките власти откриле 12 починати мигранти во чамец јужно од Крит, во рамките на спасувачки операции. Во трите операции, вкупно се спасени 105 лица.
Според информации од грчката крајбрежна стража, пловилото било забележано рано утринава, на околу 15 наутички милји југоисточно од Кали Лименес. Чамецот бил откриен од брод за превоз на контејнери под мароканско знаме, кој по тоа ги известил надлежните тела.
На местото на инцидентот пристигнал брод на грчката крајбрежна стража, кој спасил 18 лица и извлекол 12 тела. Спасените и починатите сега се транспортираат кон пристаништето Агиа Галини. Засега не се познати идентитетите на починатите мигранти ниту причините за нивната смрт.
Исто така, во две одделни акции, откриени се два чамца со мигранти. Едниот чамец имал околу 47 лица, а другиот приближно 40. Овие пловила биле лоцирани со помош на беспилотни летала и воздушни средства на европската агенција Фронтекс, по што сите 87 лица биле спасени и транспортирани кон Кали Лименес.
Во вкупно три операции, пронајдени се 117 мигранти, од кои 105 се спасени, додека 12 биле пронајдени мртви. Во последно време, Крит стана важна точка на миграциската рута од Северна Африка кон Европа, каде илјадници луѓе ризикуваат животот за да преминат Средоземното Море, често во небезбедни пловила.


