Денес се навршуваат 33 години од најголемата трагедија во историјата на Македонија — авионската несреќа кај Охрид, во која животот го загубија 116 лица.
Трагичниот настан се случил вечерта кога авионот „Јак-42Д“ полетал од Женева кон Скопје. Поради неповолните временски услови и обилните снежни врнежи во главниот град, летот бил пренасочен кон Охрид. Во леталото се наоѓале 108 патници и осуммина членови на екипажот.
При обидот за слетување на охридскиот аеродром, првиот приод бил прекинат, а потоа екипажот се подготвувал за нов обид. Во текот на маневрите за повторно слетување, авионот удрил во планинскиот предел кај Тројани, недалеку од аеродромот.
По несреќата, спасувачките екипи пронашле еден преживеан патник, кој бил пренесен во болница, но подоцна им подлегнал на повредите. Со тоа, крајниот биланс изнесувал 116 жртви — 108 патници и осум членови на екипажот.
Истрагата утврдила дека несреќата била резултат на повеќе фактори. Меѓу нив биле отстапувањето од пропишаната патека за приод кон пистата, проблемите со навигациската опрема на аеродромот во Охрид, сложените временски услови и пропустите во комуникацијата меѓу пилотите и контролата на летање. Поради тоа, трагедијата не може да се сведе на една-единствена грешка, туку на сплет од околности и пропусти.
Несреќата кај Охрид останува една од најцрните страници во македонското цивилно воздухопловство. Споменот на 116-те загинати и денес потсетува на човечките животи изгубени во трагедијата од 20 ноември 1993 година.


