Концертот на Дино Мерлин, кој требаше да се одржи на 30 декември на сплитската Рива во рамките на манифестацијата „Адвент“, нема да се одржи.
Одлуката ја соопшти градоначалникот на Сплит, Томислав Шута, на прес-конференција, наведувајќи дека лично решил да не го потпише договорот. Како што изјави, смета дека ситуацијата тргнала во погрешна насока и дека јавноста била неточно информирана.
„Должен сум да ја известам јавноста дека работите одат во насока договорот за Дино Мерлин да не биде склучен“, рече Шута.
Откажувањето следува по петицијата што ја потпишале повеќе од 20.000 граѓани, со барање концертот да се запре, а планираните пари да се пренасочат за купување ПЕТ/КТ-апарат за Клиничкиот болнички центар во Сплит.
„Овде воопшто не стануваше збор за можноста за набавка на ПЕТ/КТ-апарат“, нагласи градоначалникот.
Градот Сплит претходно соопшти дека бруто-хонорарот на Мерлин би изнесувал 140.000 евра, а за продукцијата на Ривата биле предвидени уште 160.000 евра. Шута сега појасни дека износот од 140.000 евра бил само проценка, затоа што постапката за јавна набавка сè уште не била завршена. Тој откри и дека менаџерскиот тим на Мерлин понудил да покрие дел од продукциските трошоци, во вредност од околу 80.000 евра.
Градоначалникот рече и дека му е жал за сите што веќе резервирале сместување во Сплит за да присуствуваат на концертот.
Дино Мерлин и неговиот менаџерски тим засега не се огласиле во врска со откажувањето.
Инаку, кон крајот на август беше откажан и неговиот концерт во Краљево, Србија, наводно поради технички причини.


