На прв поглед, овој природен призор изгледа како да е создаден со помош на вештачка интелигенција или како компјутерска анимација, но станува збор за вистинска појава. Илјадници птици се собираат во огромни јата и летаат целосно усогласено, при што на небото се појавуваат неверојатни форми.
За само неколку секунди, небото може да наликува на темен облак, спирала во движење или бран. Овој феномен е познат како „мурмурација“, а најчесто го создаваат сколовранците, особено во есен и зима, и тоа непосредно пред зајдисонце, кога се собираат на местата каде што ќе ја поминат ноќта.
Научниците се воодушевени од тоа како толку многу птици успеваат да се движат речиси совршено усогласено, без судири и без надворешни насоки. Иако изгледа како јатото да има водач и да следи невидлива команда, истражувањата покажуваат дека нема ниту една птица што го води движењето.
Секоја птица ги следи најблиските соседи, обично шест до седум птици околу себе. Кога една од нив ќе ја смени насоката, промената брзо се пренесува низ целото јато, па илјадници птици можат да ја променат насоката на летот за само неколку секунди.
Иако изгледа како совршен танц, зад оваа појава стои важна причина: заштита од грабливци. Кога птиците се здружени во големо јато, им го отежнуваат нападот на грабливците, како што се соколите, бидејќи постојаното менување на обликот и насоката им отежнува да издвојат една птица како плен.
Според истражување објавено во научното списание „PLOS ONE“, анализирани се повеќе од 3.000 вакви појави, а утврдено е дека присуството на грабливи птици е поврзано со поголеми и подолготрајни јата. Научниците заклучиле дека ваквото однесување најверојатно е важна стратегија за избегнување на грабливците.
Резултатите од истражувањето се навистина впечатливи: просечната проценета големина на забележаните јата изнесувала околу 30.000 птици, а во еден случај бројот бил проценет на дури 750.000 птици.


