Семејството на познатиот холивудски актер Брус Вилис планира да го донира неговиот мозок за научни истражувања по неговата смрт, со цел да се придонесе за подобро разбирање на фронтотемпоралната деменција.
Вилис, ѕвезда на класични филмови како „Умри машки“, „Шесто сетило“ и „Армагедон“, во 2023 година објави дека му е поставена дијагноза на фронтотемпорална деменција по претходно откриената афазија.
Како што пренесуваат медиумите, семејството верува дека неговото искуство со оваа болест може да придонесе за научните истражувања. Донацијата на мозочно ткиво ќе им помогне на научниците да разберат промените поврзани со фронтотемпоралната деменција и да развијат подобри методи за нејзино откривање и третирање.
Иако планот за донација не е официјално потврден, темата повторно фокусира вниманието на актеровата борба со болеста.
Сопругата на Брус, Ема Хеминг Вилис, неодамна сподели дека, и покрај сите предизвици, тој е и натаму активен во нивните животи, со моменти на радост и поврзаност со семејството.
Преку фондацијата „Emma & Bruce Willis Fund“, семејството веќе работи на подигнување на свеста за фронтотемпоралната деменција и помага на негувателите.
Aко се оствари планот за донација, личната борба на еден од најпознатите актери во Холивуд би можела да има значајни импликации за идните генерации кои ќе се соочуваат со оваа тешка болест.


